Да започнам во духот на “Tenet”, додека јас се подготвувам да ја напишам рецензијава, вие веќе ја имате прочитано.
Во принцип сум обожавателка на SF-филмови, исполнети со квантна физика, паралелни светови, парадокси, патување низ време, различни временски линии, но последново остварување на Кристофер Нолан ме измори (а омилена серија ми е “Dark”, па сега видете). Познато ни е на сите дека отсекогаш чепкал теми кои се предизвикувачки за секој SF-фан, но овој пат барем за мене, ова беше преголем хаос и далеку од ремек-дело како што го нарекуваат.
Ќе започнам со името “Tenet” што е всушност палиндром (македонски палиндроми: невен, око, калабалак) и првиот показател кој ви кажува како да го гледате филмот, односно почетокот е крајот и крајот е почетокот. Самиот збор значи принцип или верување, нешто до што држите, нешто по кое се водите во животот (сфатете му ја намерата на Нолан како сакате).
Прво и основно кога ќе почнете да го гледате филмот се чувствувате како да сте задоцниле во кино едно половина час, седнувате да го гледате и немате поим што се случува. Тоа чувство ќе ве држи добар час пред да почнете да фаќате делчиња логика во сиот тој хаос. Правило број еден, кога гледате вакви филмови/серии сакале нејќеле ќе мора да имате основни познавања од теоретска, квантна физика, парадокси итн. зошто во спротивно целосно ќе се изгубите.
Овде е особено важно бидејќи се зборува за ентропија, втор закон на термодинамика, парадоксот на дедото, временска инверзија… што дополнително го „заплеткува клопчето”.
Темата која се обработува во “Tenet” не е патување низ времето туку временска инверзија. Да разграничиме, доколку се работеше за патување низ времето протагонистите ќе можеа веднаш да отидат во точниот момент од минатото, но во случај на временска инверзија доколку посакуваниот момент е да речеме пред три дена, протагонистите би морале повторно да ги преживеат тие три дена додека сè околу нив тече наназад. Правилото е дека само луѓе и објекти се реверзибилни, но не и самото време.
Во глобала се работи за војна меѓу сегашноста и иднината. Жена (научник) од иднината создала Алгоритам кој би го сменил текот на времето односно би го вратил назад, но кога сфатила што создала го вметнала Алгоритмот во 9 посебни артефакти кои ги сместила во различни временски точки насекаде низ светот со надеж дека никој нема да ги најде, а за да не ја извлечат оваа информација од неа, си го одзела животот. Меѓутоа артефактите се пронајдени (не е објаснето како ги нашле останатите осум) и луѓето од иднината сакаат да го ресетираат времето односно нашата сегашност за да го спречат глобалното затоплување што ја уништува нивната иднина. Протагонистот (Џон Дејвид Вашингнтон) е дел од организација наречена Тенет која се обидува го спречи тој процес преку користење на временска инверзија.
Љубителите на Тенет велат дека мора да се изгледа неколку пати за да го сфатите тајмлајнот на ликовите и да ја видите генијалноста која ја нуди филмот. Не велам дека е лоша идеја, секако е интересна но за серија, а не филм. Ваква тема спакувана во два и пол часа е потрошен потенцијал. Премногу акција, премногу случувања, ужасна музика, прегласен, премногу ликови за кои не знаеме ништо а наметнуваат дополнителни прашања (како ликот на Мајкл Кејн, но бидејќи е филм на Кристофер Нолан, јасно е неговото појавување).
Мора да признаам дека бев пријатно изненадена од Роберт Патинсон кој конечно излегува од онаа ужасна „Самрак” улога која го дефинираше долго време, а не беше лош ниту Протагонистот (Џон Дејвид Вашингнтон) за кој останува да видиме дали ќе успее да ја достигне големината на татко му.
И покрај сиот хаос, погледнете го филмот, ќе ве натера да размислувате и да му ја најдете логиката, а дали ќе ви остане во сеќавање… ќе го почекаме идното остварување на Нолан кое веќе го имаме гледано.
За Камера Опскура,
Елена Крстевска,
Филмски ентузијаст