‘’Уметникот не е должен да суди за тоа што го разбира; неговиот круг е исто така ограничен како и кај секој друг . Дека во неговата сфера нема прашања, а секогаш само одговори, може да зборува само тој што не пишувал никогаш и што немал работа со ликови. Уметникот набљудува, избира, се досетува, компонира- само тие дејства во својот почеток претполагаат прашање ; ако во самиот почеток не си поставил прашање, тогаш нема за што да се досетува и нема што да избира… Барајќи од уметникот свесен однос кон работата, Вие сте прави, но Вие мешате два поима: решението на прашањето и правилното поставување на прашањето. ‘’

– Антон Павлович Чехов

Чехов… хмм.. големо име во овој мал свет. Зошто? ЗАТОА.

Затоа што многумина понекогаш гледаат многу еднолично на неговите дела и го претставуваат во своите глави само како синоним за меланхолија. Па потоа се прашуваме зошто е толку голем… затоа што има премногу мали кои не знаат да го читаат а уште помалце да го обојат во театар.

Чехов е само еден прекрасен лирски драматичар кој со меланхолична насмевка и суров хумор го опишува секојдневиот живот на еден обичен човек .

Томас Ман: ‘’Секој треба да се соочи со фактот дека човекот е еден неуспех. Неговата свест што и припаѓа на душата, најверојатно дека никогаш нема да биде во хармонија со неговата природа… Ако некој страдаше од ова тоа беше Чехов’’

Mногу едноставно Чехов само ја критикува човечката кукавичност.

Кога ги гледаме негови дела во театар или додека ги читаме најмалку што можеме да приметиме е дека ликовите живееат во минатото, занемарувајќи ја сегашноста и непланирајќи ја иднината. Тие се толку заглавени во сопствените спомени што едноставно не знаат дека воопшто не дишат. Смешно и болно, затоа и го гледаме како меланхолија, затоа што сме премногу слаби да се исмејуваме на самите себеси и да си кажеме дека некогаш навистина ни е тешко да излеземе од некое сеќавање во кои ние самите само мислиме дека тоа било нашата најдобра верзија, се осмелуваме да ја дефинираме среќата а воопшто не знаеме дека едноставно среќата е само душевен мир и насмевка, преслаби сме да се погледнеме во огледало и да признаеме кое е нашето ‘’јас’’ па бегаме во некои пороци што ја закопуваат нашата храброт.

Зарем театарот не служи за тоа? Зарем Чехов со својата ироничност и подсмев не е како еден земјотрес кој треба да не освести?

Во овие дела, во овој мал театар за една мала човечка душа се зборува за ‘’ будење’’ , дали тој поставува прашање и дава решение на самото … би рекла само ако сте спремни разбудете се, ако не сте оставете го тоа на храбрите кои умеат тоа да го направат.

За Камера Опскура,

Румена Шопова,

Актерка

Share This Story, Choose Your Platform!