Веќе со години се потврдува трендот на американските серии/филмови што почнуваат добро, се развиваат добро и ви маваат шлаканица со крајот.

Како да го објаснам „крајот”… замислете како си го купувате омилениот сладолед, набрзина ја кинете обвивката, го загризувате чоколадниот прелив, па продолжувате со сладоледот и таман сте стигнале до омилениот дел, чоколадото во средина или чоколадото на крајот од корнетот што ќе го заокружи целиот вкус и… доаѓа продавачот ви го зема од рака, го фрла на земја и го гази. 

Бидејќи овој тренд на мрзеливите сценаристи трае со години сме научиле да очекуваме лош крај, но кога ќе видиш потпис од Ридли Скот ќе си помислиш „Ова изгледа ветувачки”.

Ја изгледав цела сезона во два дена, не сакајќи да ја „потрошам” цела одеднаш затоа што навистина уживав во првите пет епизоди и еве денес го пцујам продавачот.

Да ве запознаам на кратко, се работи за сф-серија, на Земјата се случила војна меѓу религиски поделени групи, Митраисти фанатици кои веруваат во демон бог наречен Сол, Атеисти кои се антирелигиска група и Андроиди/Некромансери (изгледа имало некој фан на ЛОТР меѓу сценаристите). Земјата е уништена, човечкиот род е загрозен и поради тоа се испратени еден Некромансер – Мајка и еден Андроид – Татко да одгледуваат човечки деца на друга планета (Кеплер-22б) со цел да го спречат исчезнувањето на човечкиот род.

Сето ова изгледа како многу интересна и ветувачка идеја, но во овој случај крајот не го краси делото. Повеќе би рекла дека крајот е како Валј И. Којотот кога паѓа во провалија, се лепи за земја и одозгора го сплескува карпа.

Моја препорака изгледајте ги само првите пет епизоди и исклучете ја серијата. Не сакам да ви откривам премногу и да ви го уништувам изненадувањето но понатаму изгледа како да седнале фан на Војна на Ѕвездите (претрчуваат некои ликови како Џавас и имаме чудовишта со ликот на Генерал Гривус) и Ридли Скот и направиле продолжеток на „Прометеус” и „Осми путник”. Можеби на некој ќе му се допадне ова и ќе го предизвика ама мене лично, завршетокот физички ме болеше. Знам дека е Ридли Скот ама дај бре доста веќе со Андроиди што плукаат бела „крв”, змии што излегуваат низ уста, во ред е, видовме сто пати, одиме понатаму.

Да не биде се’ критика, нешто што најмногу ми се допадна беше глумата на главната актерка Некромансер – Мајка (Аманда Колин). Типката изгледаше како женска верзија на Дејвид Боуви и беше толку навлезена во улогата што на момент се прашувате дали е човечко битие. Целосно го зема вниманието на серијата, до толку што ги правеше останатите ликови непотребни.

Не знам како потврдиле втора сезона, веројатно ќе отидат во религиски правец, Адам (Андроидот Татко) и Ева(Некромансерот Мајка) фазон и змијата нели… уште од сега знам дека со задоволство ќе ја прескокнам.

Пак ќе речам, после генијалната германска серија „Dark”, американскиве сценаристи можат да си го фрлат пенкалото во канта.

И за крај, Ридли брат, сериозно олабај со змиите.

За Камера Опскура,

Елена Крстевска,

Филмски ентузијаст

Share This Story, Choose Your Platform!