Често го поставуваме прашањето: „ Зошто овој филм или оној филм ги собрал сите награди на најголемите фестивали? “ Не постои лош филм. Има – просто кажано „ побогат и посиромашен филм“. Многу детали постојат кои се разгледуваат кога се гледа филм од страна на филмски критичар и филмски теоретичар, кои се дел од жириата на филмските фестивали. Тие се експерти за стилистика и точно знаат поетот (режисерот) што сакал да каже со режисерското решение, во кадар, сцена или цел филм. Но стилистиката е многу широк предмет и треба време и читање и читање за да се разбере. Еден дел од филмскиот јазик, кои треба многу добро да се познава и имплементира во филмот се боите и нивната симболика.
Ќе бидам краток и конкретен. Без дигресии и разјаснувања подробни.
Уште од примитивните култури може да се каже дека започнало формирањето на значењето на боите и нивните функции. Тоа е Тробојната симболика, постои во африканските племиња, малајските бушмани, австралиските абориџини, дури и кај современите индијанци – чироките и др. Кај сите овие племиња БЕЛОТО асоцира со вода, воздух, чистота, спокојство, радост. ЦРНОТО со земјата, со нешто нечисто, злото и смртта. ЦРВЕНОТО имало комбинрано значење, на состојба. Кога е измешано со бело-добри сили, кога е со црно – темни сили. За такви ги имале сонцето, оганот и др.
Во Египет, ЖОЛТАТА е симбол на богот на сонцето – Ра, но и на пустината; ЦРВЕНАТА симболизира сила, зло, насилство; ЗЕЛЕНАТА е симбол на плодноста, на богот Озирис; СИНАТА е симбол на богот Пта и на небото; КАФЕАВАТА на животот, а ЦРНАТА на смртта. Древнокинеската симболика на боите е сврзана со пентаструктурното сфаќање за светот – петте стихии (дрво, оган, земја, метал, вода) и се наоѓаат во асоцијативна врска со сите појави од човековиот свет. ЗЕЛЕНАТА – дрво, пролет, Јупитер, кисело; ЦРВЕНАТА – оган, југ, лето, море, горчливо; ЖОЛТАТА – земја, Сатурн, држава, благо; БЕЛАТА – метал, запад, есен, Венера, оштро; ЦРНАТА – вода, север, зима, Меркур, влажно, солено.
Јапонската симболика за значењето на боите е сврзана со религијата и филозофијата. Силно влијание имала врз Јапонскиот театар Кабуки; ЦРНАТА – сила, смелост, надчовечка сила; СИНАТА – ладнокрвност, аморалност; ВИОЛЕТОВАТА – страв; ЦРНАТА и КАФЕАВАТА – боженственост.
Блискиот и Среден Исток и Исламот се противопоставуваат на затекнатата културна симболика. Светлината кај нив не се врзува со Господ, нема сакрално и сл. Темнината исто не е спротивно поставена на светлината, а се наоѓаат во последователна врска во зависност од причината. Темнината е облека на ноќта, а сенката е борба на сонцето. Првата боја на исламската симболика е БЕЛАТА – симболизира, светост, достоинство и не трагичен, а благ симбол на траур; ЖОЛТАТА – светлина, сонце, злато; ЦРВЕНАТА – сонце, оган, крвта како знак на животот и силни емоции во библиската симболика црвеното сиболизира грев и мачење); Небесно СИНАТА – една од најпопуларните – небо, вода, талисман на мухамедините, спокојство, благонаслоност; ЦРНАТА – има негативна смисла кога се врзува со валкнани побуди, инаку е мудрост и длабоко мислење. Главен свет симбол на Исламот е Црн камен; ЗЕЛЕНАТА – симбол на муслиманскиот рај, соединување на земскиот и небесниот почеток, Светото знаме на Мухамед е зелено; КАФЕАВАТА – одвраќање, распаѓање, смрт; СИВАТА – лицето на злото и подлоста.
Западноевропското средновековие е цело подчинето на идејата за Господ и боженственото на најубавото. Во светите записи се спомнува дека боите на сите времиња биле БЕЛА, ЗЛАТЕСТА, ПУРПУРНА и ЦРВЕНА; ЗЕЛЕНАТА е земна; ЦРНАТА – оддалечена од Бога. Инаку БЕЛА – боженственост, светост, вера, блиску до боженственото, истотака е симбол на траурот (рајот); ЦРВЕНА – бојата на светата крв на Христос, оганот на денот на страшниот суд; ПУРПУРНА – во симболиката на Римската империја била симбол на високата власт, величенственост, царственост; ЖОЛТА – симбол на сонцето и златото, но во почетокот на ХII век придобива негативна смисла, а за време на Готиката станува симбол на лагата и предавството на Јуда; СИНАТА – небото е боженствена вистина и правда, но има и исклучоци – во Германија од 1557 година, според закон, носењето на сина боја се казнувало со смрт, а после 200 години станува кралска боја; ЗЕЛЕНАТА – воскреснувањето, пролетното обновувње (блиску до култот Озирис); ЦРНАТА – мрак, пекол, грев, но истовремено е симбол на монаштвото и смиреноста, откажување од гревови, симбол на траур (непостоечкото, небитот).
Леонардо да Винчи вовел сопствен систем за симболиката на боите: БЕЛ – светлина; ЖОЛТ – земја; ЗЕЛЕН – вода; СИН – воздух; ЦРН – темница, мрак; ЦРВЕН – оган.
Њутон создрава музички код врз основа на боите; ЦРВЕНА – до; ПОРТОКАЛОВА – ре; ЖОЛТА – ми; ЗЕЛЕНА – фа; СВЕТЛО СИНА – сол; СИНА – ла, ВИОЛЕТОВА – си.
Хегел ја потврдил симболиката за емотивно сврзани бои коишто соодветствуваат со духот на човекот. Светлото и жолтото се живи( живот, животни), бодри, создавчки; Темното и синото – кротко, тивко, смислено; Црвеното – машкост, царственост; Зеленото –спокој, неутрално.
Во Европската традиција имаме ЗЛАТНИКАВО – христијански доброчинители, вера, праведност, милосрдие, смиреност, а како светски симбол – моќност, знаење, богатство. СРЕБРЕНЕСТО – чистина, надеж, невиност, благородство, искреност. ЦРВЕНА – љубов, машкост, смелост; СИНА – мудрост, верност, чесност. ЦРНА – пазење (чување), мудрост, баланс. ЗЕЛЕНА – надеж, изобилство, слобода, радост. ПУРПУРЕН – побожност, умереност, господство.
Боите како изразно средство во кинематографијата се многу важни. Пред добро поткованото жири на филмските фестивали нема како да не добиете прашање кое започнува со: „ Зошто ова е решено вака или онака, во оваа боја или во онаа..? “. А некои од одговорите ги имате погоре. Тука и не завршува приказната.
Во следниот блог ќе има втор дел од оваа тема за боите. Гете еден од основоположниците на теоријата за боите и се разбира, системот на бои според Њутон.
За Камера Опскура
Александар Ристоски
Режисер