Ретко човек може да наиде на телевизиска серија за тинејџери што тргнува да се соочи со теми кои ги загазуваат отаде границите на адолесцентските навики. Но, она што ни го претставува Еуфорија е свеж увид на денешната младина, на нивната добросостојба и на нивната реалност а тоа го прави со една толку разорна сила, и со една впечатливост што подвигот на денешната изопачена иницијација во светот на возрасните го доловува на начин кој отстапува од традиционалното сфаќање. Остварувањето на Левинсон успева да воспостави хармонија помеѓу различните аспекти типични за сите оние битки што ги војуваат адолесцентите, а оска е самиот хаос. Вреди да се забележи и тоа дека приказните во оваа серија покриваат цела низа суштински различни тематики, и би било несериозно човек да се обиде да ги припише сите нив на една конкретна генерација. Но, токму тоа е причината зошто Еуфорија е уникатна и вреди за времето на гледачот.

За разлика од телевизиските серии од нејзиното време, Еуфорија нуди сирови емоции, кои струјат во и околу ликовите, сцените и психичките состојби до тој степен што гледачот добива впечаток дека приказната е раскажана во еден напнат и непрекинат здив. Нашите херои се соочуваат со непредвидливостите на судбината отелотворени во веќе премногу добро познатите чувства, каде секое едно лошо искуство значи крај на светот – а секое од тие случувања е совршено преведено во музика. „Минливата“ младост се чини бесконечна. Во еден миг, Ру ќе забележи: „доаѓа крајот на светот, а јас сè уште не сум завршила ни средно“.

Зендаја е на чело на оние што фрлаат светлина врз турбулентните години на неколку проблематични тинејџери. Крутата меланхолија во нејзиниот глас на раскажувач става акцент на нејзината рамнодушност, поставена во контраст на динамичноста на платното, од што како исход произлегува ироничниот став дека нејзе, всушност, не ѝ е гајле за ништо. Со зборовите што ги бира, овој мал глас во нашата глава како да сака уште еднаш да ни потврди дека ова е сепак една приказна видена низ очите на тинејџерот.

Сево ова не би било ни приближно толку моќно без употребата на сјаен избор на музика. Оригиналната музика на Лабиринт го доловува уникатниот внатрешен свет на ликовите, истовремено мапирајќи ги и психолошките координати на колективот и на самиот свет во кој тие се наоѓаат. Звукот е импресивен, а сепак неодреден; самоуверен, а сепак несигурен; моментален, а сепак долготраен –  испорачува Велтшмерц преку низа артикулирани и неартикулирани вокали. Во своето јадро носи една анархична хармонија што нè потсетува дека сево ова е многу, многу реално.

Би издвоил неколку песни што се апсолутно витални за приказната: „Demanding Excellence”, „Still Don’t Know My Name”, и дијадемата – „Forever“. Последната трака како да извикува: имам нешто да кажам, чувствувам и љубов и болка и екстаза и не знам како да ги изразам. Мрачен порив.

Текстот на „Сè уште не си знам име“ нуди брзо отсликување на ликовите. Иако според овој текст песната може да се категоризира како љубовна, верувам дека во себе крие подлабока смисла која ни укажува на тоа дека ни Ру, ни Џулс, ни Нејт, ни Меди, ни некој друг тука има поим што е она што вреди во животот.

Комплексната низа перкусии, мелодични и на висок тон, заедно со длабоките и мрачни жичани инструменти и пијано, во комбинација со екстатичните вокали во овие композиции како резултат даваат еден вид ритуална музика што потекнува од исконски времиња. Оние што учествувале во древните пирови во чест на Дионис биле всушност дел од прослави чија цел била тие преку екстазата да се соочат со страдањето и на тој начин да го трансцендираат. Морничавото чувство на осаменост што провејува низ целата серија е исто така засилено од употребата на музика за која ние несвесно знаеме дека се слуша во групни ситуации каде индивидуата се разложува во колективот. Лабиринт развил и интегрирал една традиција која се протега низ цели милениуми, и која во својата срж ја има замислата човек да се соочи со болката и да ѝ припише значење и смисла. Во суштина, станува збор за славење на самиот живот, и тоа е причината зошто се наоѓа во толку резок контраст со приказната во Еуфорија.

Еуфорија ни прикажува свет во кој ритуалот на иницијација е напуштен, со што иницијантите-аспиранти се препуштени на иницијација по сопствен избор. Во тандем со сè поизразената фрагментираност на современата индивидуа, линијата помеѓу воведувач и иницијант станува матна. Такво е виртуелното патешествие на Кет до нејзината сексуалност. Ситуацијата на крај се сведува на уназадување до степен на предплеменска заедница, затоа што дури и древните племиња одржувале незаменливи практики на иницијација.

Серијата ја доловува првата точка на ранливост незаштитена од родителските фигури, на точката во која ние за првпат доаѓаме во контакт со Другиот. Нејт и Ру ова го чувствуваат најмногу преку самата нивна врска со родителите. Соочувањето со Другиот прави ние да се чувствуваме исплашени, засрамени и горди, а ниедно од таа палета чувства не недостасува во Еуфорија. Со оглед на тоа што серијата ги третира темите на само-анализата и себе-откривањето, разбирливо е честото присуство на огледала во сценографијата.

Опкруженоста со возрасни личности со оштетена морална вертикала дефинитивно не го олеснува процесот на преобразба во зрела личност. Напротив – таа состојба ја замаглува поголемата слика, а младите ги остава сами среде океан. Можеби не можеме да го оправдаме нивното страдање, но тоа не е нешто што би можеле да го чуеме од нив. Ветувањето за премин отаде кое е вкоренето во секого од нив, болката ја прави не само поднослива, туку и ја воздигнува до степен на божество. Како и кај Сизиф, нивната болка во никој случај не смее да биде сфатена како тривијална. Тие се маченици во името на една кауза која е само нивна, лична. А сепак, болката е самонанесена, по природата на самодеструктивната адолесценција со која е поплочен патот до влезот во светот на возрасните. Ова го подгрева чувството на непобедливост, затоа што никој не може да нè повреди колку самите ние. Оттаму, не е ни чудо што плачењето светки е лајт мотив на серијата, и едновремено ги симболизира и болката и убавината.

Интересно е тоа што на почетокот ликовите не страдаат поради болката што самите си ја нанесуваат. Независно од тоа дали се работи за вродени здравствени состојби или за проблеми предадени од нивните родители, страдањето на ликовите е наследено, и укажува на тоа дека тие само треба да ги сносат одговорноста и тегобите на оние од кои потекнуваат. Сето тоа, исто така неизбежно, води до титаномахија, или митска борба помеѓу помеѓу постарите и помладите генерации, битка во која обично победуваат овие вторите. Но, во овој свет на младите не им е лесно во оваа битка, исто како што не им е лесно да се откажат од адолесценцијата. Тоа можеби се должи на пасивно-агресивната тиранија што ја искажува постарата генерација, како и на системот што тие го имаат поставено. Ова е најдобро доловено во сцената каде Нејт се пресметува со татко си.

Иако новиот свет, погоден и од ментални болести, носи со себе замки, тоа не ѝ пречи на мотивираноста на нашите херои, напротив: истоштувачкиот живот го прикажува низ незаборавлив гламур. Наместо да изградат нов свет, тие како романтично да се шлапкаат во базенот на сопствената болка. Сметам дека во таа порака на најискрен начин е содржан цајтгајстот на генерацијата од Еуфорија, а целата таа серија е едно искуство што јас го сметам за неописливо. Оваа приказната многу помалку може да се разбере отколку што може да се почувствува.

За Камера Опскура

Јован Саркањац

Филмски критичар

Share This Story, Choose Your Platform!