Њујорк е еден од најдинамичните, најразновидните и најкреативните градови во светот, културен центар со речиси космички размери, прославен од генерации уметници – ниту еден аспект од животот на градот не поминал неистражен од писатели, сликари, пејачи, музичари, актери или пак режисери.

Големото Jаболко и културата неразделно се поврзани, станувајќи составен дел на индентитетот на градот, од кој скоро секој човек на оваа планета би посакал мало парче залак – гламур, слава, популарност.

Синатра со право пее дека е „Градот кој никогаш не спие“. Секогаш нешто се случува зад секое ќоше: од концерти, поставки во музеи, перформанси на Бродвеј, џез настапи во Blue Note, уметнички галерии, кината со најновите филмски прикажувања и така натаму бидејќи листата е навистина долга (во превод никогаш нема да ви биде досадно доколку го посетите) до рандом разминување со ѕвездите од аудиовизуелниот и уметничкиот свет шетајќи по авениите (со Heather Graham си наидовме една на друга и си рековме sorry).

Далечната 2007 година преку work & travel беше мојата прва средба со Големото јаболко од многуте. И да не должам, ќе ви споделам неколку културно-уметнички и забавни аспекти и просветлувања кои имав можност да ги доживеам при посетите.

Една од добрите работи што можат да ви случат во Њујорк се оние непланираните. Како девојка што е за прв пат во голем град и те како се случуваат логистички грешки: наместо R локалниот спрема Менхетен, го фаќам N експресниот, кој ме води неколку станици плус од посакуваната, за да во метрополитското лудило се изгубам дополнително, за да треба да се налетам на Tony Shafrazi Gallery со поставката на David LaChapelle: Awakened. Најновата серија фотографии на Дејвид Лашапел, инспирирана од библискиот наратив за големиот потоп, каде Лашапел го инјектира апокалиптичното! Морам да признам дека галеријата си ја чекирав како омилена, па ја посетив и наредното лето каде овој пат LaChapelle ја имаше исконската серија Auguries of Innocence и морам да признам омилена зошто тој ги создаде можеби најоригиналните слики на портрети на славни личности и експресивни сцени што рефлектираат, изложуваат и го коментираат „култот“ на личноста, изопаченоста на популарната култура, таблоидите на суетата и ненаситност. Hot damn!… Патем речено, галерии за посета има во изобилство.

Брат ми, една од причините за честите посети на градот, кој живее таму веќе добри 15 години,  едно пладне, ноншалатно ми вади муабет дека ќе бидеме дел од публиката (за која има листа на чекање АМА вреди) на Late Night with Conan O’Brien. Јас секако паѓам во несвест затоа што ќе одиме во студиото на NBC, на 30 Rockefeller Plaza, каде меѓудругото се снимаат тон ТВ серии кои сум ги гледала или се во тек на гледање, и каде ќе си го посетиме и Top of the Rocks, врвот на Рокфелер облакодерот каде од едната страна ќе се воодушевуваме на Lower Manhattan со Empire State Building а од другата страна на прекрасното зеленило на Central Park (малку архитектонско доживување не е на одмет) и секако во “live” ќе го следиме блесавиот Коко. Проследени од протокол, влегуваме во големото студиото, веќе се е подесено како што треба и асистентот на продукција ни ги објаснува на кусо правилата, за да почне за кратко со одбројување и појавување на Конан проследено со куп зафрканции и шеги. Гостуваат: Alicia Keys, Russell Crowe & бендот Death Cab for Cutie. Посета за паметење зошто Коко беше смешен, на своја сметка се зафркаваше, имаше бенд чиј ритам дополнително придонесуваше кон  забавата и ѕвезди кои комуницираа и со публиката – по австралиска линија, двајца од публиката седнаа до Расел иако ја од петни жили викав да ме одбере! А, да. За тие што не ги следите the late night shows, Коко за жал веќе не е дел од NBC.

Одиме понатаму. Нема да ги набројувам сите музеи и галерии кои постојат во Њујорк, секој е приказна за себе, а доста имам посетено бидејќи како студент во Америка по работа, pay as you wish или деновите кога е бесплатен влезот ми зачеа многу во истражувањето на градот. А и искрено ќе ви здосади во набројувањето, не за друго и мене на последната посета ми дојдоа преку глава, па заедно со маж ми и ќерка ми, по линија на почитуваниот Ентони Бордејн, ене го Гугенхајм, сме биле, дај да седнеме да јадеме, да пробаме нешто ново и да уживаме.

The Met Museum, Музејот на Уметноста, кој морам да признам дека при секоја посета, некое ново крило откривам, не за друго зошто музејот поседува толку многу збирки на уметнички дела распространети низ 19 оддели. Имаат од класична антика и древен Египет, до современите светски дела на познатите мајстори. Од основањето „Мет“ секогаш се стремел да биде повеќе од ризница на ретки и убави предмети. Секој ден, уметноста станува жива во галериите на Музејот и преку изложби и настани, откривајќи нови уметнички и културни аспекти. Фактот дека на толку голема површина од музеј, во посета со другарка ми Елена, го сретнавме Јасин (заедно работевме во забавен парк во Флорида), при тоа не сме го виделе 2 месеца, за да завршиме со муабетот: “Јасин случајно вчера да не беше во кола и помина на Union Square? Да, Нена одев на Мадона на концерт!“… Ок, дечки да не се изненадите. Њујорк е главниот град на светот, толку е гооооолем и пак имате шанси да ја видите истата особа, два пати по ред. True that!

Муабетот ме доведе и до друго. Концертот на Мадона. Нешто за што се каам најмногу на свет затоа што беше The Confessions Tour, нешто што како алва се распродаде додека да трепнам, а мене еден од омилените албуми на кралицата на попот. Но, не останав покуса. Bjork – The Volta Tour, секако купени карти на време, со станување рано сабајле и рефреш на тикетмастер страната со блага паника. Ок, доаѓа концертот, се оддржува во Madison Square Garden, јас малку збунета зашто е спортска арена на New York Rangers и New York Knicks, но и за концерти – какво озвучување! Не за џабе велат за арената:„Незаборавното започнува тука“. И со право. Концерот на Бјорк беше еден од најдобрите што некогаш сум ги посетила и уживала.  Импулсивноста на Бјорк со мешавината од електронски ритми, звуците кое одекуваа низ арената како да сме до неа на сцена… дечки искри летаа од мене. Толку!

Christmas is the most magical day of the year. Се сложувам, но за Њујорк баш и не е како на филмовите. Рокфелер центарот со елката и рингот за лизгање и плус некој парк украсен троа, реално маалата во Бруклин и Бронкс се најновогодишно уредени! Но, што ми беше муабетот. Lincoln Center, домот на New York Philharmonic, the Metropolitan Opera, and the New York City Ballet, светото тројство.

New York City Ballet на репертоар ја даваат “Оревокршачка“ од Чајковски. Mора да се гледа по секоја цена, затоа што „The Nutcracker“ е една од најсложените театарски, поставени балети во нивниот активен репертоар! Популарноста на балетот е огромна. Пребарувам за да дознам точно бројка: 90 танчери, 62 музичари, 40 сценографи и повеќе од 125 деца, здружени заедно, со сите сили да ја направат изведбата што е можно по магична. До ден денешен ја паметам изведбата. Каква сценографија, каква костимографија, каква енергија која не држеше наредните денови. Завршува изведбата, лица насмеани, играат балет, магичниот момент пренесен. Обезбедена ни е незаборавната празнична искра. И обезбеден е и плишаниот The Rat King, за кој брат ми мрчеше дека чини колку просечно јадење за тројца во градот, за кој реков ама за убаво е. Да, после толку години, The Rat King е водачот на sleeping squad-от на ќерка ми.

George Frideric Handel со “Messiah” беше виден/ ислушан во филхармонијата. Нема да се задржам многу. Маж ми сеуште ми е лут затоа што си дозволив да заспијам на културен настан. Да се разбереме. Прво, 15 km дневно да се поминат туристички не е шега. Второ, пола сала спиеше како дел од традицијата за будење со скокнување од столче на “Hallelujah”. Јас ги ценам и почитувам традициите!

Како љубител на jazz & blues, Њујорк е одлична сцена за посети по клубови. Ќе се задржам само на еден, дел од традицијата на градот, исконскиот Cotton Club од Harlem, отворен уште од времето на Прохибицијата, една ера на клуб низ кој имаат поминато бројни ѕвезди од Duke Ellington, Chuck Webb, Louis Armstrong, Billie Holiday, до George Gershwin, Sophie Tucker, Judy Garland и други. Вистинска забава, не е обична вечера, каде бендот ја красеше и дополнуваше сцената на младиот, тогаш седумнаесетгодишен, талентираниот Соломон Хикс. Облечен во бел смокинг, енергичен, дополнително блеска со свирењето и пеењето. Сите во публика видно расположени, кој пее, кој се фаќа за рака и оди на подиум да игра, од младо до постаро, Cotton Club го доживеав во полн сјај.

Њујорк е неверојатен. Секому му посакувам да го посети. Мене барем ме просветли. Секогаш има што да понуди од културен, аудиовизуелен и забавен аспект аспект, за секого има по нешто!

Јас успеав само дел да ви раскажам. За другото, здравје некое друго време ќе седнеме и ќе поминеме низ кафе муабет.

За крај ќе направам трибјут до другарка ми Рац, која на нејзиното доаѓање од Калифорнија, ме однесе во Централ Парк, за да прошетаме и да го најдеме кафичот од Friends. Иако ја убедував дека е само сет за серијата, сепак праша една американка која љубезно и одговори: “Oh honey, Central Perk Cafe doesn’t exist”.

Крајно разочарана, направив што секој добра другарка би направила. Ја однесов на бејзбол натпревар Mets vs. Cardinals, каде конзумиравме хот-дог со Budweiser, крајно немајќи појма што се случува доле на теренот.

Ви благодарам,

Нена

Share This Story, Choose Your Platform!