И конечно се приближуваме кон портите на новата 2021-ва година (мислам дека да можеме ќе ѝ влетаме како лут каубоец во салун), новогодишните елки почнуваат да „никнуваат” низ домовите, децата го очекуваат Дедо Мраз, некој слуша ѕвонци и му се вртат новогодишни песни низ глава, но реалноста, за жал, е дека поголемиот дел од луѓето се шетаат со „облачиња” над глава, разбирливо со оглед на ситуацијава. Но да не одиме надолу (зошто тоа е најлесниот пат) туку да се обидеме да се издигнеме над сето тоа…простете, погрешно се изразив „Do or do not, there is no try” како што би рекол Јода.

Да се вратиме на главното, сакам да споделам со вас неколку божиќни филмови кои ќе ви ги разубават овие декемвриски ноќи (одиме ѕвонци во позадина). Денес во кое време и да вртите по каналиве (а и на Нетфликс) не може а да не начекате некој од оние Халмарк ниско интелигентни божиќни филмови или божиќни лимонади за кои важи она правило „Си гледал еден, си ги гледал сите” и кои и да се обидете да им дадете шанса чувствувате буквална физичка болка. За ваше добро, променете го каналот. Холивуд одамна се стивнати со производство на добри божиќни филмови (а и на сè останато), цела индустрија им е copy – paste – remake, среќа што имаме постари божиќни филмови кои сè уште си го наоѓаат патот до секоја нова генерација, особено овој период, на кои јас лично со особено задоволство им се навраќам.

Започнувам со двата делови „Home Alone” (1990/1992). Едноставно не може да ги прескокнеме генијалните идеи на палавиот Кевин. Интересно е што имале доста проблеми за време на снимањето и никој не верувал дека ќе стане еден од најгледаните божиќни филмови, а денес доволно е само да ја слушнете добро познатата воведна тема од големиот Џон Вилијамс за да знаете за кој филм станува збор.

Продолжуваме со мјузиклот „White Christmas” од 1954 година со неверојатните Дени Кеј, Бинг Крозби, Роузмери Клуни и Вера Елен. Снимен е после успехот на истоимената песна која оригинално се појавува во уште еден неверојатен мјузикл „Holiday Inn” со Крозби и Фред Астер. Ако има нешто за што ги бива Американците тоа се мјузикли, верувајте ми нема да погрешите.

Следен е добро познатиот „A Christmas Carol” или Scrooge, богатиот скржавец кој на полноќ го посетуваат трите духови на минатиот, сегашниот и идниот Божиќ. Адаптација на безвременското дело на Чарлс Дикенс и приказна на која сите ние треба често да се потсетуваме. Има многу верзии, моја препорака е онаа од 1951 година, би можеле да го погледнете и „Scrooged” од 1988 година со Бил Мареј, а би ви го препорачала и „The Man Who Invented Christmas” каде се обработува приказната како Чарлс Дикенс го пишува своето најпознато дело.

Полека се приближуваме кон новата година со „A Miracle on 34th Street”. Дали ќе ја гледате оригиналната верзија од 1947 година или исто прекрасниот римејк од 1994 година со мојот омилен Дедо Мраз, Ричард Атенборо, нема да погрешите. Двата си носат посебна магија, а и ве тераат повторно да верувате во дедото што „Кока Кола” го обои во црвена боја.

И на овој муабет мора да го споменам изненадувањето од Нетфликс, анимираниот филм од 2019 година „Klaus”. Ако сте носталгичари по оној стар 2D изглед на анимирани филмови како мене тогаш дефинитивно ќе се заљубите во овој. Би рекла дека е особено важен да се погледне сега бидејќи моменталната атмосфера е како во сивиот, мрачен Смиренсбург и сите дефинитивно треба да го најдеме „поштарот” во нас. Филмот дава една оригинална и досега невидена слика за Дедо Мраз бидејќи е најчовечен и најреален досега. Брилијантна перспектива.

Стигнавме до ноќта, триесет и први декември, а врвот на елката се остава за крај. Откако ќе се „настегате” со руска салата и кифлички и со сето свое постоење ќе посакате да не се повтори оваа ужасна година за која сите бевме огромни оптимисти (моментот беше нешто со дваесет дваесет) и ќе посакате што побрзо да излеземе од оваа ситуација и да ни се врати нормалното функционирање на животот, наместете се удобно пред телевизорот, прегрнете ги своите родители, сопруг/сопруга, дечко/девојка, деца, пријател…. и пуштете го најпрекрасниот и најнадежниот филм што постои во светската кинематографија „It’s a Wonderful Life” (1946). Овој филм би го осветлил и најтемниот ден, би му ја вратил насмевката и на најтажниот човек, би му ја вратил надежта и на најнесреќниот. Главната улога ја толкува глумецот со мека душа и најнежен глас, единствениот Џејмс Стјуард, кој ќе сподели со вас еден преубав потсетник. Знам дека брзо забораваме меѓутоа овој филм ќе ви покаже дека сите сме луѓе со емоции, дека на сите некогаш сè ни доаѓа преку глава и не знаеме како да излеземе на крај со нештата, или пак не можеме да најдеме излез или решение, но и ќе ве потсети дека сите сме тука со некоја цел, мисија и доколку сакаме и веруваме можеме да бидеме вистински среќни. Ниче воопшто нема да се согласи со мене, но без надеж отидовме во мајчина.

Така што луѓе погледнете малку во себе, пронајдете го она среќно, чисто дете кое сите го имате во себе, верувајте во Дедо Мраз, бидете нечиј Дедо Мраз, помогнете некому, насмевнете се без причина, давајте љубов и ако сè уште читате имајте среќни Новогодишни и Божиќни празници.

За Camera Obscura Hub,

Елена Крстевска,

Филмски ентузијаст

Share This Story, Choose Your Platform!