„Нетфликс од моето време“

Петок вечер. Викендот е пред мене. Си правам сендвич, земам нешто за пиење и се спремам да пуштам филм. Лепота! Избор огромен: 20 филмски канали, плус Нетфликс, плус Ејч Би О он дименд. Лудница! 40 минути подоцна – сендвич изеден, пијачка испиена, а јас уште “ролам“ што да гледам. Или сѐ сум гледал по 30 пати, или насловите што ми се нудат не ме привлекуваат да седнам и да ги пуштам… Треба некој да ми препорача филм, да каже дека го гледал и го бендисал, или да начекам критика за истиот дека е добар. И толку. Си легнувам.

И сега носталгично се навраќам на не толку одамна минато време, само 25-26 години наназад (а може и е одамна!?), времето кога изборот на ТВ беше сведен на 2 канали, а наместо Нетфликс имавме видеотеки. 

Видеотека е дуќан за изнајмување филмови. 

Во Струга ја имавме видеотека Еми. Во сокаче Гоце Делчев. Секој петок попладне те праќаат да земеш 2-3 филма за цел викенд и боље ти е да не се вратиш со лош избор. Од каталогот гледаш што е ново и не си гледал, а разгледуваш и што некој пред тебе оставил на пултот. Од добрите филмови има по 2-3 копии на лагер, ама секогаш постои веројатност дека некој пред тебе веќе ги земал. Земаш 2 ВХС касети (најлошиот носач на видео евер измислен) и цепаш дома кај што сите те чекаат. Изборот на филмови каков – таков… сите се хепи дека гледале нешто ново. А филмот… филмот е секако во “далеку од ХД“ квалитет, понекогаш снимен од кино, па слушаш и смеење од публика како во ситком. Ама никој не се буни! Плус секогаш може гратис да го имаш моментот дека некој комшија нема ВХС, па ти дошле на гости и заедно си гледате филм!

Друг ми беше муабетот… За Еми видеотеката…

За мене тоа не беше само видеотека. Беше нешто многу повеќе… Тука, во Еми видеотека, го стекнав најголемото неформално филмско образование. А тоа се случи затоа што човекот што беше одговорен за “давање” филмови беше Димитрие Дурацоски, АКА Димче Дурац. 

Во Струга сите го знаевме – градски чоек, писател, сликар, уметничка душа. Одиш да земеш филм, а тој ти е советник во изборот на филмови што ти се на располагање. А секогаш имаше и опција да извади ВХС од под тезга, некој поквалитетен наслов. Ама не за секого! Само ако проценеше дека окцето ти фатило нешто поразлично од класичен блокбастер со Шварци. 

И така еден ден, во неврзан муабет, јас се обидувам да го импресионирам со моето познавање за филм, а Димче ми вади од под тезга едно ВХС-че: „Гледај го овој па ќе зборвиме…“

Филмот на ВХС со реден број 2, ако не се лажам. „Бети блу 37° 2 le matin“. Француска драма со неверојатно импресивна музика….Останатото е историја… ги запознаваш Кишловски, Полански, Алмодовар, Скорсезе, дознаваш за кадар, сцена, фотографија во филм, за филмска музика… На секое враќање филм, имаш кратко предавање од кое ќе украдеш по нешто ново…

Е така започна мојата авантура во неформално филмско образование. Тоа беше Нетфликс од моето време! И Нетфликс и школо во едно. А со Димче, кој и ден денеска е најголемиот поддржувач на културата во Струга, сѐ уште ми е ќеиф да седнам и да збориме за филм.

Поздрав,

Бане

Share This Story, Choose Your Platform!