Ретко ми се случува некоја серија да ме улови од самиот старт, во случајов после првите петнаесетина минути и да ме натера да ја изгледам во еден здив. Брилијантниот вовед, сцената со сообраќајната незгода каде малата Бет Хармон стои на мостот и шаховската табла која се поставува на таванот во сиропиталиштето се сцени кои ќе останат во мојата филмска меморија.
Паметам дека кога бев мала шах сетот беше поставен над троседот во дневната соба и на него стоеја невидливите зборови на татко ми „Не пипај” што дополнително ја разгори мојата љубопитност и желба да научам да играм. Како вчера го паметам моментот кога конечно татко ми ме повика и ме запозна со малите дрвени фигури, едните темно кафени како мокра земја после дожд, другите светли како внатрешноста на младо дрво, совршено изрезбани, прелиени со лак и сина мека основа која спречуваше било какво гребење на таблата.
Фигурите застанаа на своето место, добија своја титула и почнаа да се движат… лауферот дијагонално, топот само под прави агли, потценетото пиунче кое може да те спаси во краен момент, само коњот може да рипа фигури, кралот кој сите го штитат и дамата… најбитната и најмоќната фигура која многу се согласуваат дека ако ја изгубиш исто како да си изгубил партијата, но дали е навистина така?
Една таква ДАМА која го собра целото внимание во светов е харизматичната глумица Ања Тејлор Џој која ја толку главната улога Бет Хармон во популарната мини серија „Queens Gambit” (Дамски Гамбит). Кастот на девојката е spot on, ако сакале да ѝ дадат огромен акцент на главната глумица дефинивно успеале во тоа . Големи темно кафени очи кои целосно те обземаат, несекојдневна фаца и одлуката на режисерот да ја направат црвенокоса ја прави уште повпечатлива.
Што се однесува до приказната, тие кои играле или се интересираат за шах сигурно го знаат добро познатото ривалство меѓу Боби Фишер (мојот омилен шахист) и Борис Спаски и јасно ви е дека целата приказна во Дамскиот Гамбит е всушност горенаведеното ривалство само што во случајов Фишер е претставен преку Бет Хармон, а Спаски преку Боргов.
Самата мини серија допира разни теми, како опсесивноста на главниот женски лик со шахот која е резултат на чувството на сигурност која ѝ ја дава играта и замена за празнотијата и осаменоста која ја чувствува Хармон после загубата на својата мајка, како и потребата да се докаже во тој машки свет како рамноправна жена или ДАМА која ги матира сите КРАЛЕВИ. Борбата со демоните и стравовите кои ги потиснува со зависноста, губењето на уште една женска фигура – мајка од нејзиниот живот. Моменти во кои секој човек може реално да се пронајде.
Нешто што многу ми се допадна е начинот на кој беше склопена, начинот на кој се даваше причина и последица на нештата, чувството на напнатост на турнирите и леснотијата со која се гледа целата серија.
Реално не е вредна за толкава фама, но е дефинитивно една седумчасовна сладост која ќе ја изгледате во еден здив и нема да ѝ се навратите.
А ако ве интересира за шаховската табла што стоеше над троседот во дневната соба, сега стои на мојата работна маса.
За Камера Опскура,
Елена Крстевска,
Филмски ентузијаст