Не знам за вас, но јас имам обичај после изгледан филм или серија што ми се допаднал да читам податоци за процесот на снимање, интересни, гледам грешки при снимање или интервјуа со глумци, режисери… Ви издвојувам неколку што ми останале во меморија.

Стивен Спилберг и Лукас во исто време ги снимале “Star Wars: New Hope” и “Close Еncounters of Тhe Тhird Кind”. Лукас дошол на снимањето на Спилберг откако го завршил „Војна на Ѕвездите: Нова надеж” и кога го видел сетот му рекол на Спилберг: „Твојот филм ќе биде сто пати поуспешен од мојот, јас направив филм за деца, гледај што си направил ти. Ајде да се обложиме, јас ќе ти дадам 2,5% од профитот на „Војна на ѕвездите”, ако ти ми дадеш 2,5% од „Блиски средби од трет вид”.” Што мислите кој заработува сè уште од овој облог?

Кристофер Ли бил единствениот актер на сетот на LOTR што всушност го запознал Толкин во бар во Оксфорд. Бил огромен фан на легендарните дела на Толкин и бил решен да биде дел од филмуваната верзија. Првенствено ја сакал улогата на Гандалф, дури и му испратил слика на Питер Џексон од себе облечен како волшебник. Но секако тоа не било потребно зошто Џексон веќе го таксал за Саруман. Кристофер Ли бил еден од омилените глумци на режисерот и омилен Дракула, до толку што во “LOTR: The Return of the King Directors cut” во сцената кога Саруман паѓа од кулата Џексон го набодува на шилец како трибјут за неговиот омилен гроф.

Сцената кога влегува Џокерот (Хит Леџер) на забавата на Брус Вејн (Кристијан Бејл) во Dark Knight (2008), Мајкл Кејн кој го играше верниот батлер на Бетмен, Алфред требало да каже неколку реплики, но ги заборавил бидејќи се шокирал од изгледот на Џокерот (и јас би се шокирала) зошто тоа било прв пат да го види целосно трансформиран во познатиот лик. Како што денес ни е познато, Нолан ја оставил таа сцена.

Глумецот Ричард Харис три пати ја одбил улогата за познатиот волшебник Дамблдор (Harry Potter) бидејќи не сакал да го помине остатокот од животот на сет. Но кога неговата внука Ела слушнала за тоа му се заканила дека ако не ја прифати улогата никогаш повеќе нема да разговара со него. За жал, Ричард Харис глумеше само во првите два делови пред неговата смрт, после што улогата била понудена на Ијан Мекелен, но тој ја одбил бидејќи Ричард Харис не го ценел како актер, а и веќе во тоа време го играл другиот познат волшебник Гандалф.

Познатата сцена од “Independence Day” кога Вил Смит го влечка вонземјанинот и ја кажува познатата реплика – And what the hell is that smell?! – е всушност вистинска реакција на актерот поради миризбата која се ширела од скапани ракчиња во блиското езеро.

Најпознатите сцени се многу пати случајни, а најпознатите реплики непланирани, но тоа ги прави филмовите комплетни.

За Камера Опскура,

Елена Крстевска

Филмски ентузијаст

Share This Story, Choose Your Platform!