Баш помислив пред извесно време дека одамна го немам гледано Ентони Хопкинс во некој филм и случајно го откривам „Таткото” (The Father) од 2020 година. Hе ни прочитав содржина, нит па гледав трејлер, едноставно знаев дека мора да го погледнам.

Знаете кога се работи за глумци од ваков калибар, свесни сте дека ќе гледате добар филм, но нели кога не гледаш долго време некој глумец на платното, потсвесно знаеш дека е еден од најдобрите ама некако имаш заборавено.

Е со филмов Хопкинс во фаца ни го плеска сиот негов брилијантен талент за никогаш да не го заборавиме.

Сценариото е базирано на француската претстава “Le Père” од режисерот Флориан Зелер кој маестрално ја има прикажано борбата на еден човек со ужасната болест деменција. Она што е посебно во овој филм е тоа што конечно топката е на другата страна, односно приказната е раскажана од гледна точка на болниот, а не од гледна точка на оној кој се грижи за болниот (како што сме гледале во поголемиот број филмови со ваква тематика).

Како што го гледате филмот и се повеќе навлегувате во ликот на Ентони (Anthony Hopkins) ќе почнете да „голтате кнедли” и ќе забележите како се почесто длабоко издишувате.

За кратко време ќе ви стане јасно за што станува збор и ќе го претпоставите крајот, но состојбата на Ентони која се повеќе се влошува ќе направи и вие да не можете да разликувате што е реално, а што е негова имагинација. Изгледа како Ентони да живее во паралелен свет, свет во кој е затвореник на сопствениот ум, каде води постојана борба со самиот себе обидувајќи се да одржи барем дел од својата личност, своите спомени, својот живот. Гледаме како сè околу него постојано се менува, ликовите, местата, имаме повторување на една иста работа, исти муабети, едноставно страшен приказ за страдањето од деменција. Не сакам да ја омаловажувам важноста на филмот со мои описи, мора визуелно да го видите страдањето за целосно да го почувствувате.

Оливија Колман (Anne) е навистина неверојатна, толку емоции, толку вистински почувствувани изрази на лицето, толкава тага за татко ѝ и вина што го остава сам. Навистина сум презадоволна (бидејќи не ми се случува често) кога ќе погледнам филм што толку ќе внесе во суштината, што ќе ме натера целосно да ја почувствувам тежината која ја носи со себе.

Ретко плачам на филмови, во овој пат искрено не можев да се воздржам, крајниот мастер клас монолог на Хопкинс ме уништи. Брилијантната глума на Сер Ентони ме остави без било каков коментар (што е исто така ретко), знаете сите сме луѓе, сите имаме родители. Да не те допре овој лик треба сериозно да се загрижиш за себе.

И како што беше очекувано Хопкинс и Колман беа номинирани за оскар токму за улогите во овој филм и нормално оскарот за најдобар глумец го доби човекот поради кој имавме кошмари во 1991 година.

На крај ќе завршам со една реплика од крајната сцена на филмот што ќе ми остане долго време во мојата филмска меморија: “I feel as if I’m losing all my leaves. The branches, and the wind, and the rain. I don’t know what’s happening anymore…”

И повторно кнедла во грло.

За Камера Опскура,

Елена Крстевска

Филмски ентузијаст

Share This Story, Choose Your Platform!