Важноста на сценариото како елемент при продукција на филм – дел 2
Денес критиката за воспоставената пракса во Македонија оди за помалку игнорантскиот однос кон сценариото, како суштински и примарен елемент во продукцијата на филм. Мораме да разјасниме дека кога зборуваме за професионално сценарио, не мислиме на нова, свежа, убава приказна што сме ја слушнале или посведочиле низ секoјдневието. Добро сценарио значи добро изградена драматуршка целина и цврста структура што ќе ја поткрепи приказната и ќе ја направи истата визуелно привлечна и остварлива. Ова не значи строго следење на правилата и занемарување на уметничката слобода, туку елегантно користење на клучните драматуршки точки, односно битови, во сценариото и нивно ставање во функција на приказната. Затоа, сценариото што всушност претставува раскажување приказни преку слики, на некој начин претставува математички решена статика, што ќе ја чува стабилноста на „зградата“ без разлика на тежината на таа зграда, која пак зависи од стилскиот израз на режисерот.
Она што е сигурно е дека од почетокот на македонскиот филм по 1991 година, ставот кон сценариото како неопходност во филмската продукција е скоро непроменет. Филмот е еден мегаломански производ, во чија реализација учествува голема филмска екипа, и на крајот честопати се нарекува проект, а не уметничкото дело. Иако на самите почетоци имало многу потешкотии при преминот од државна во независна продукција, сепак македонскиот филм не заостанува во процесот на продукција. Крајните производи се пристојни, па дури и извонредни дела, со одлична кинематографија, добро испланирана и изработена сценографија. Кастингот и актерската игра веќе имаат специфичен македонски израз, а изведбата на актерите станува се поверодостојна како резултат на повеќето шанси што актерите ги добиваат за појавување пред камера.
Сепак она што беше најмногу занемарено, е сценариото. И денес сценариото е најслабата точка во македонската филмска продукција и се зема „здраво за готово“. Пред 1991 година, праксата беше писателите и драматурзите да ги пишуваат и филмските сценарија. Оваа пракса остана непроменета, повеќе или помалку и по осамостојувањето. Тоа не значи дека во Македонија немало или нема талентирани сценаристи. Но, тоа што филмската продукција не дава толку важно значење на сценариото при зачетокот на продукцијата, придонесува за неславниот факт дека во Македонија тешко може да се работи како професионален сценарист. Ова не значи дека нема сценарија, туку за филмот многу брзо веќе се размислува за следната фаза, а сценариото останува недоработено или често воопшто несработено. Денес македонската филмска „индустрија“ нема програма, продукција или фонд, кој ќе инвестира директно во развој и пишување нови сценарија. Со поимот пишување, подразбираме процес на развој на сценариото, од првичната идеја до целосно и филмско базирано сценарио. Ова е веројатно најлесниот начин за македонското кинематографија и Агенцијата за филм како главен продуцент, да ги подигнат квалитетот и квантитетот на филмовите. Па затоа освен ентузијазмот за пишување и творештво во тој литерарно-синеастичен простор, и надежта дека ќе ги видите вашите ликови оживеани и надвор од замислениот свет во главата, всушност нема друга материјална мотивација да работите како сценарист. Сценариото добива вистинско внимание кога постои некаква претходна соработка помеѓу сценарист и режисер / продуцент, или кога продукцијата или режисерот се на некој начин сигурни дека има обезбеден буџет за снимање на филмот, па дури потоа се ангажира сценарист или „скрипт“ доктор кој ќе ја доработи приказната. Ова создава маѓепсан, „зол“ круг, каде добри, филмични сценарија и квалитетни, свежи и модерни приказни, никогаш не ја гледаат светлината на денот. Значи, сценаристите пишуваат само за себе или уште поточно, за никого. Ова е веројатно е така затоа што има само неколку добри „читачи“ кои можат да препознаат добро напишано сценарио. Уште помалку веројатно е дека некое од тие добри сценарија случајно ќе дојде во рацете на „добитен“ режисер или продуцент.
Вака доаѓаме и до еден од најголемите проблеми кои создаваат дисбаланс при продукцијата на филмот, а тоа е честото поистоветување на приказната со сценариото. Оваа неприродна еднаквост ја игнорира потребата од развивање на приказната на кинематографски начин и инкорпорирање на приказната во параметрите на драматургијата и структурата на сценариото. Она што го прави филмот посебна уметност е притисокот на времето како елемент од приказната. Затворен во ограничен простор со јасно прецизирано време, иако свесен за визуелниот аспект на филмот, гледачот пред се очекува да ја почувствува емоцијата и да ја „дознае“ субјективната вистина што ја носи приказната, без да мора да ја лови низ нејасните патеки на објективот. Наместо тоа, најчесто веднаш се преминува кон материјализација и визуелизација на нецелосно обработената приказна. Фазата на продукција на филмот можеби е „повистинска“, почовечна и повеќе емотивна од самиот облик на сценариото, бидејќи се работи со вистински луѓе, актери кои и‘ даваат живот на претходно напишаната приказна. Сепак, филмот како уметност е предмет на одредени правила, кои дури и намерно прекршени, постојат во позадина, одржувајќи ја приказната стабилна и сигурна. Овие правила се одговор на прашањата зошто и како да се раскаже приказната наменета за големото платно, приказна која опфаќа само еден мал сегмент од бесконечниот време-простор, притоа следејќи неколку избрани ликови. Ако немаме одговор „зошто овде“ и „зошто сега“ се случува нашата приказна, приказната ќе го изгуби потребниот интензитет, драмскиот конфликт се намалува, а тоа го намалува интересот и емпатијата со главниот јунак.
За Камера Опскура,
Јаков Попоски
Сценарист