Важноста на сценариото како елемент при продукција на филм – дел 1

За почеток да го оставиме настрана сценаристот како засебна професија и да се осврнеме само на сценариото, како еден од елементите во продукцијата на комплетно филмско остварување. Сценаристот може да биде професионалец, но и самиот режисер, а неретко писатели и драматурзи можат да стават потпис зад филмско сценарио. Затоа е толку важно да се има професионално, „занаетски“ потковано сценарио како основа и потреба за добар филм.

Според секоја дефиниција што ја става филмската уметност во одредени рамки, креацијата на еден филм започнува со идејата, врз чија основа потоа е напишано сценариото. Сценариото стои како почетна точка на хронологијата на филмската продукција, но трае до самиот крај на постпродукцијата и завршувањето на процесот на монтажа, а стои во позадината на сè, како „чувар“ на оригиналната идеја и приказна. Читајќи ги дефинициите напишани од многу важни теоретичари на филмското сценарио и драматургија, кои се обиделе да ги воведат стандардите во драматургијата и раскажувањето приказни, јасно е дека самото сценарио не е комплетно и самостојно уметничко дело.

Се разбира, стилот на пишување, умешноста за опишување на ситуации, давајќи им емотивна глазура со помош на поетичноста, како и оживувањето на ликовите и нивните судбини уште пред да станат вистински луѓе, е индивидуална дарба што сценаристот го прави уметник. Емоциите на писателот најпрво треба да бидат вешто опишани, а потоа и материјализирани преку актерската игра, за да можат да бидат „видени“ преку леќата на камерата и прикажани на сребрениот екран. Добро напишаното сценарио дава можност внатрешната и надворешната убавина на ликовите да бидат отелотворени на екранот. Сепак, сите се согласуваат, колку и да е добро напишано, сценариото е истовремено технички документ, на кој се базира планот за продукција на филмот. А светската кинематографија, филмската индустрија и секоја филмска продукција во светот, го ценат значењето на сценариото, а уште повеќе значењето на добро напишано сценарио.

Знаеме дека филмот не е природна наука и за секој филм не важат истите, општи правила и закони. Ако беше природна наука, тогаш секој филм ќе изгледаше исто, сите приказни ќе личеа едни на други и само една универзална вистина ќе владееше со светот. За среќа, не е така. Како и да е, статистиката како аналитички форма, може да се примени и на филмската продукција, со цел да согледаме некои резултати од интерес. Премисата вели, доброто сценарио, во голем процент од случаите, резултира во добар филм. Ова едноставно значи дека многу е важно да се има филмско издржано и драматуршки структурирано сценарио на кое е „модулирана“ приказната. Понатаму, следен чекор е тоа сценарио да биде препознаено и добро прочитано од режисерот, за конечно да добиеме квалитетен, визуелен производ. Лошо напишано сценарио, што истовремено не значи лоша приказна, туку неправилно пренесена приказна во филмски јазик, може да се реализира во добар филм, но исто така и овде постои тенденција дека крајниот резултат може да биде само визуелно привлечен, но многу лесно да потфрли во драматургијата. Ова значи дека публиката ќе ужива во визуелниот аспект на филмот, преку добро структурирани кадри, професионална глума и совршениот звук, но на крајот едноставно ќе биде тешко да се раскаже самата приказна. Исклучоците не се изненадување и има многу примери за голема дискрепанца помеѓу различните фази на продукција. Одлично напишани сценарија, кои раскажуваат уште поубави приказни или идеи, завршуваат во „непристојно“ квалитетни филмови и се растргнати од критичарите, бидејќи режисерот никогаш не се вложил доволно за да го визуелизира сценариото како што е замислено. Од друга страна, има и многу лошо напишани сценарија, кои се продуцирани во многу успешни филмови.

Од судирот на идеи помеѓу двајцата филозофи, Платон и Аристотел, произлегува дилемата околу идејата и нејзиното совршенство. Дали постои само идеја наспроти сè друго, па материјалното и духовното се само копии на идејата и само таа може да биде совршена, како што тврди Платон. Или наспроти стои тезата на Аристотел, дека идејата е само слика на природата, но преработена низ процесот на спознавање и размислување, во нова дотогаш невидена форма. Кога би направиле аналогија со филмот, ќе се запрашаме дали идејата како „праисториска“ форма на филмот, долго пред филмот да ја добие формата што ја гледа публиката, е оригинална, или пак идејата за филмот е резултат на претходни познавања и слика за она што од порано го знаеле авторите, но и публиката која го сведочи крајниот продукт. Токму кога филмот е во почетна фаза и се појавува како идеја или инспиративна приказна, која е привлечна за режисерите и продуцентите, се јавува реалната потреба за правилен пристап и пишување на таа приказна во структура соодветна за филмско сценарио. Во спротивно, приказната ќе остане да „лебди“ на несигурни основи и ќе потоне во лошо воспоставената врска помеѓу приказната и филмскиот јазик.

За Камера Опскура,

Јаков Попоски

Сценарист

Share This Story, Choose Your Platform!