Далечната 1997 година, си седам во Маврово во викендичката, кога оддеднаш колони на возила се упатуваат накај патот за Галичник. Големи камиони со натпис ARRI.

Јас, дете, со брзина на светлината трчам кај моите и прашувам што се случува. Ми велат дека филм во главни улоги со Никол Кидман и Џорџ Клуни се снима кај нас. Припаѓам, бидејќи се во прашање големите холивудски ѕвезди.

Тука има неколку часовно замарање ака пичување на татко ми дека треба да отидеме и да следиме што се случува. Нормално одговорот е НЕ: што мајка ќе бараме да седиме и дремеме…башка Џорџ го спремаат за на друга локација…. амааа татооо сакааам. Дете како дете, успевам во намерите, го убедувам татко ми, и тераме накај сет (можеби и брат ми беше со нас, секако е небитен во приказната).

Стигнуваме горе. На патот и полјаната распостелени екипи, опрема, возила, сите растрчани се подготвуваат за кадарот- „мачно“ качување по планина.

Јас, со спремен апарат со мене, си седнувам на страна,  со насмевка од уво до уво и почнувам да си го фоткам моето прво проследување на филмска продукција, и да се воодушевувам на работната атмосфера, подготовките, и енергијата на екипата – муабети со доза хумор. Си велев, како ли е да од таа страна, нешто што денес си го живеам, го знам и уживам во голема доза.

Сé се замолчува во моментот кога режисерот кажува: „Акција!!!“. Сé се трансформира за кратко. Огромна енергија се исцедува луѓето кои работат. За мене да се биде на сет беше многу повеќе од неверојатно!

Си правам муабет со Бранчез, на тема Миротворец и снимањето кај нас. Бранчез откачува со добро сеќавање на неговото поневеројатно искуство од снимањето (среќлија и воопшто не е фер) затоа што Џорџ беше на локацијата кај што бил и Бранчез, на мостот на Глобочица, каде Џорџ т.е. Офицер за разузнавање и специјални операции – Полковник Томас Дево, успева да го спречи транспортот на боевите глави. Да сумираме – следел сет и снимање со хелихоптери, со камиони, со целосна опрема, со екипа водена од Мими Ледер, режисерката на филмот и со Џорџ Клуни! Е тоа е high level!

Апсолутно е вртоглаво, да се биде на снимање. Движење на луѓе, опрема, сценографија, со намера и цел да ги наместат работите кадарот што треба да се снима. Потоа одеднаш, сè станува тивко и „И акција“ и тоа е вашиот момент да побегнете од реалноста.

Така да кога ќе имате можност, отидете да проследите, па дури ако имате можност да бидете дел од екипа, навистина вреди!

A да приказната за Миротворец доколку не сте го гледале: Томас Дево, полковник на американската армија и Јулија Кели, нуклеарен експерт, трагаат по сет руско нуклеарно оружје за кое се верува дека го украле терористи.

Ви благодарам,

Нена

Share This Story, Choose Your Platform!