Многу ми се допаѓа што сè уште постојат серии и филмови што ме изненадуваат и што ме тераат да ги изгледам во еден здив. Правилото е, кога серија или филм те тера да размислуваш долго после гледањето и ти „стои” во глава наредните неколку денови значи тоа е тоа што се бара.

Последно такво чувство ми разбуди првата сезона од серијата “The Sinner” со генијалните Џесика Биел и Бил Пулман. Се сеќавам дека заглавив на работа тој ден и некако додека се средив ме фати седум часот. Се наместив пред телевизор, пуштив Нетфликс и кога ја видов одма ми се запна за око. Ми текна дека го гледав интервјуто со Џесика Биел кога ја претставување серијата кај Џими Фалон ама комплетно сум ја заборавила. Очигледно не ѝ дошло време се до пред некој ден.

Само што ја започнав си помислив: „Леле останав до три сабајле”.

Концептот им е една сезона, еден случај, секоја сезона со по осум епизоди, ни премногу ни премалку. Како и вообичаено, сè започнува многу невино, се запознаваме со навидум нормално семејство, маж (Christopher Abbott) и жена (Jessica Biel) со мало дете на семејна вечера, нормални муабети, нормално однесување. Но како што прогресира епизодата се чувствува дека нешто не е во ред со Кора (Jessica Biel).

Толку генијална глума, нешто што никогаш не сум можела да го разберам, како успеваат да ја извадат болката и страдањето во очите. Едноставно не е возможно да го одглумиш тоа, мора да имаш некоја вистинска животна болка која ја предизвикуваш во тој момент, за да го пренесеш страдањето на ликот кој се толкува.

Првично помислуваш ќе се обиде да се самоубие, ќе избега и ќе го остави семејството или ќе ѝ се „откачи” нешто во главата и ќе наштети на некој друг, друго нема. Секако е едно од овие работи, но никогаш нема да претпоставите на каков начин. Лето е и семејството се спрема да оди на блиската плажа која е полна со луѓе. Тука се случува неочекуваното. Лупејќи круша за својот син и вознемирено гледајќи го друштвото пред нив кое сè погласно пушта музика, Кора наеднаш станува и со ножот седум пати го избодува дечкото пред неа. Ја приведуваат во станица, признава дека го извршила злосторството, има стотици сведоци и сето тоа изгледа како open and shut case, но интересното е што таа ги уверува дека не го познава дечкото и дека не знае зошто го убила. На случајот го земаат исто брилијантниот Бил Пулман кој го глуми детективот Хари Амброз кој е решен да ја открие причината за убиството и не верува дека жена би убила ладнокрвно и без мотив.

Понатаму мора да гледате сами, после овој вовед почнува развојот на оваа психички болна и неверојатна приказна. Убавината во сезонава е што навистина не можете да претпоставите во кој насока ќе оди, како што го запознавате тешкиот живот на Кора напоредно ќе го запознавате и страдањето на детективот за кој се дознава поголем дел од животот во втората сезона, но е повеќе од очигледно дека си ја препознава својата болка, својата тага, своето страдање во убијците и затоа и ги презема овие случаи. Страшни трауми, на моменти е непријатна за гледање ама верувајте нема да ве пушти до самиот крај. Само мој совет бидете малку во подобро расположение и не ја почнувајте сред работна недела.

Моментално ја привршувам втората сезона, може да кажам дека е интересна, секако е неспоредлива со првата, а за третата читам коментари дека била катастрофална. Да не звучам како расипана плоча, ама веќе навикнавме.

Како што споменав и во насловот среќна сум и со една генијална сезона.

За Камера Опскура,

Елена Крстевска

Филмски ентузијаст

Share This Story, Choose Your Platform!