Како поминуваат годините имам забележано една работа кај ТВ серииве, а тоа е дека од година во година стануваат сè пократки. Кога ќе ми текне само дека пред дваесет години една серија имаше од осум па до дванаесет сезони, а во секоја сезона имаше по 24 епизоди во просек (да не споменувам дека даваа по една епизода во недела), па пред неколку години почнаа да практикуваат до 4 сезони со по 10 епизоди, за денес да стигнеме до мини-серии со по 7 епизоди. По ова може да се види што ни направила технологијата и колку ни е намалено трпението. 

Ќе се вратам малку во 2017 година кога излезе добро познатата серија “Big Little Lies” каде се имаше собрано добра група актери (Никол Кидман, Рис Витерспун, Лора Дерн, Александар Скарсгард…) и беше фалена, наградувана, зборена долго време. Ја споменувам серијава за да ви го доловам моментот „вадење на стара слава”.

Како што ќе ја започнете новата HBO серија „The Undoing” (каде повторно ја имаме Никол Кидман) веднаш ќе ја забележите истата шема од гореспоменатата серија од 2017 година. Богати другарки, непозната девојка (Елена Алвез) која воопшто не припаѓа во тие социјални кругови, сите имаат деца во истото престижно школо, па имаме настан каде се собираат средства за школото и… (drumrolls please) убиство. На половина ќе забележите дека за момент, онака нежно (и многу несмасно) го преземаат дејствието од делото на Агата Кристи „Убиство во Ориент Експрес” каде се обидуваат да не наведат дека секој од главните ликови би можел да биде убиецот, но поради некреативното пишување на сценаристите тешко дека ќе се посомневате во некој друг освен во оној што го откриваат уште од самиот почеток. Многу „дупки” во сценарио и нејаснотии, лошо разработени ликови, избрзано судење, повторување на сцени, пополнување време со небитни работи, би рекла вистинска штета што вистински не искористен целиот тој глумачки потенцијал.

Сега ќе се обидам да ја спасам серијава. Ако го занемариме горенаведеното и одбереме да ја гледаме серијата како што наведува шпицата можеби нема да биде толкаво промашување. Ако ѝ посветите внимание ќе забележите мало црвенокосо девојче (малата Грејс Фрејзер) како се смее, си игра безгрижно, заштитена од вистинската слика за нејзиното семејство и несвесна за сета лошотија во светот, кога одеднаш почнува да се лие крв по ѕидовите и балончињата (нејзините илузии) пукаат. Овде би рекла се наведува вистинската приказна. Започнува убаво, ни се прикажува нејзиниот безгрижен живот, успешна кариера и совршено семејство. Но за кратко, светот на Грејс целосно се руши, таа дознава дека секој човек во нејзиниот живот крие некоја тајна од неа. Од лагите на сопругот за кој станува свесна дека воопшто не го познава, до лагите на татко ѝ кој ѝ кажува дека никогаш не бил среќен со мајка ѝкоја постојано ја изневерувал, до другарка ѝ која крие од неа дека знаела за отказот на нејзиниот сопруг (Џонатан Фрејзер) ѝ дека таа всушност му помогнала тој период, до нејзиното социјално друштво кое после скандалот веднаш ја отфрла, до нејзиниот син кој криеше дека знаел за аферата на татко му. Грејс е потполно несвесна за луѓето околу неа, а е психијатар, што е дополнителен удар за неа, затоа ѝ се онесвестува во паркот. Остатокот од серијата е нејзиното процесирање на сите тие тајни кои ѝ се влепија во лице, процесот на соочување со нив и крајот односно конечното прифаќање на она што го знаела од почеток. 

Вака гледана и сфатена изгледа поинтересно.

Што се однесува до глумата, мора да споменам дека Доналд Сатрленд дефинитивно ја подигна серијата (монологот во канцеларијата на директорот на школото), секогаш е уживање да се гледа овој човек, а и да се слуша тој неверојатен глас. Исто пофалби за глумата на Хју Грант кој навистина ме изненади во последната епизода, целосно излезе од онаа вечна улога на несмасен и наивен Англичанец која ја има во сите филмови и за момент се преобрази во чудовиште со психопатски поглед и ја канализира цела темна страна која целосно му го изобличи лицето. Не за џабе викаат дека комичните глумци се најдобри негативци.

Не велам дека е страшно промашување, но доколку немате нешто друго попаметно за гледање, може и оваа да помине.

За Камера Опскура,

Елена Крстевска,

Филмски ентузијаст

Share This Story, Choose Your Platform!