Иако сум порасната со DC Comics (Бетмен, Супермен, Флеш) сепак Марвелците многу повеќе ми се залепија, а и мора да се признае дека откако го извадија Iron Man во 2008 па се до пред две години додека не ја заокружија приказната за Avengers доминираа, а филмовите на DC изгледаа како мало дете кое штотуку почнува да оди (не кревајте паника не зборувам за трилогијата Dark Knight на Нолан).

Неславно завршија Avengers со ужасниот последен дел, а и откако почнаа да се вмешуваат Дизни јасно ни беше на сите што следи понатаму.

Кога излезе новата  мини серија “WandaVision” (ми се допадна двојното значење на насловот) искрено помислив нема да ја гледам, ама после некое време реков ајде да ѝ дадам шанса, можеби грешам.

Познато е дека серијата почнува како ситком од 50-ти, 60-ти, (“I love Lucy”, “The Dick Van Dyke Show”, “Bewitched”) па секоја епизода се оди една декада понапред се додека не стигнат до последниве 10 години. Искрено ми се допадна идејата бидејќи беше збунувачка на почетокот, несекојдневна ама многу интересно пренесена. После втората епизода ќе сфатите за што се работи и всушност ќе ја видите целата болка на Ванда. Да продолжеа на таков начин ќе ја ценев многу повеќе, но како и секогаш на крај се случуваат сите работи во една епизода и се чудиш од каде сега ова, зошто е потребно, која е поентата… Се појавуваат некои непотребни ликови кои ги имаш видено милијарда пати во истата улога, со истата цел и истиот муабет, што ништо не допринесуваат за приказната, туку само одземаат време (или во овој случај пополнуваат време поради некреативност).

Крајот воопшто не ми се допадна бидејќи целосно избега од суштината и од она што ти го сервираат првите 7 епизоди, а тоа е врската меѓу Ванда и Вижн, нејзината болка и пребродувањето на загубата на брат ѝ загубата на Вижн (што го знаеме од “Avengers: Age of Ultron” и “Avengers: Infinity War”). Завршува со нешто сосема друго што се гледа дека го втурнале колку да има акција. Реално не дознаваме нешто многу ново за Ванда, веќе знаеме голем дел од нејзината origin story, акцијата не беше ништо посебно и веќе ја имаме видено во “Avengers: Age of Ultron”. Ете тоа е Дизни, непостојана приказна и набрзина акција направено за деца и тинејџери.

Ако нешто имам научено од денешниве филмови и серии е не се приврзувај и не очекувај. Знај дека ќе се разочараш за да можеш да се изненадиш.

За Камера Опскура,

Елена Крстевска

Филмски ентузијаст

Share This Story, Choose Your Platform!