Сум голема љубителка на виното. Откако од поскоро ја задлабочив врската, благодарение на другар ми Столе, вински познавач, кој ми покажа дека е повеќе од чашка алкохол- црвено или бело, зошто додека пијам, можам да ги препознавам прекрасните вкусови, совладувајќи ја винската сложеност, ми стана начин на животен стил и едно големо уживање!

Јас секако сум далеку од експерт. Но, со дегустациите кои другар ми ги оргaнизираше од различни македонски винарии со неверојатни добри, вкусни и наградувани вина низ светот… некако ме прави (полу)квалификувана да понудам едно усовршување во поглед на поврзување на две уметности – филмот и виното. Да, виното не е наука туку и уметност на енолозите – барем такво доживување добив при посета на една од дегустациите, каде се развија доста дискусии додека уживавме, каде начинот на создавањето на виното е како создавање на уметничко дело!

Идејата ми кликнува и почнувам комуникација со другарот со невиден жар! Феноменално уживање на повидок, барам да ми даде дополнително инфо за домашните сорти, комбинацијата на храна која одговара за да го направам светото тројство. Завршуваме со културната размена и стартуваат истражувањата. На здравје!

ВРАНЕЦ

Карактеристична сорта за Македонија (кај нас се смета за најбитна сорта грозје), Црна Гора па и Србија. Го сметаат за робусно, агресивно вино, полно со карактер. Има карактеристична темно црвена боја, со мирис и ароми на црвени боровинки и овошен мармалад со јаки танини и долг послевкус на темно чоколадо и какао. Ако одлежи со годините, добива уште повеќе на раскош. Вранецот исклучително добро се слага со димено и месо на скара и стари сирења со силни вкусови.

Бидејќи самото име асоцира на сила, моќ, црн пастув, Вранецот, добро би се сложувал со акција“Seven samurai”, Akirа Kurosawa, за ветеран самурај, кој заедно со шестте самураи се обидуваат да заштитат едно село од сурови разбојници. Не за џабе го поврзувам овој епски филм со Вранецот, со оглед на приказната, и со фактот и дека е еден од највлијателните филмови на сите времиња! Како Вранецот! Да, долгооооо трае филмот, исто како и долгиот послевкус на Вранецот.

Со оглед дека е најпроизведувана сорта кај нас, ќе го издвојам “Прашина“ на Милчо Манчевски кој е драма/вестерн ама ќе го поврзам со Вранецот. Приказна за љубовта и омразата, со скокови од минатото до современиот живот, се прикажуваат двајца браќа- Елаја и Лук, вљубени во една жена – Лилит која го одбира помладиот, што ги доведува да се борат за спротивставените страни на битката меѓу Турците и Македонците. А Кирил Џајковски е гениј- какво музичко дело!

КРАТОШИЈА

Легендата вели дека оваа сорта се одгледувала на нашата територија уште од античко време, кога го чувале во амфори за да опиваат благородниците!  Рубин црвена боја, со мирис на ситнозрнесто овошје, дискретни тонови на каранфилче, со елегантен, полн вкус, мек на танини и долготраен послевкус. Како и Вранецот, Кратошијата добро се слага со сите видови месо и стари сирења со снажни вкусови. И покрај фактот дека до скоро беше изумрена сорта, Кратошијата преживеа и производителите на вино ја претворија во врвна сорта. Го заслужува целосното внимание и I’m sensing dramaaa!

За жарн драма, Кратошијата ја конзумирав со “First Man” био-драмата посветена на Нил Армстронг, изведена од Рајан Гослинг. Има причина зошто токму овој филм – седумгодишна борба, водство да се стигне до Месичината, исполнето со тага, загуби, жртви и неуспех – работи кои не се гледаат и не се размислуваат освен на сликата на Армстронг како херој! “First Man” ја негува тишината што се случува кога навистина ќе ни се остварат соништата што сме се осмелиле да ги сонуваме.

А доколку не сте го гледале или пак сте го подзаборавиле, култниот македонски филм „Тетовирање“, за Илија, кој го прикажува системот на владење преку апсурдности, исто се вклопува со изборот на вино.

СТАНУШИНА

Автохтон вид на грозје кое се одгледува само во Македонија и не е пронајдена никаде на друго место во светот! Hot damn!

Обично има боја на ситнозрнесто овошје и арома на сув лист. Тоа го прави одличен додаток на бели и жолти сирења, лесни и крем десерти, комбинација на јатки со слатка, и секако да не ги испуштам сармите и полнети пиперки. Има богат екстракт и високо ниво на киселост што му дава на виното извонредна свежина.

Одиме со sci-fi. “Ex Mahcina” – за Калеб, програмерот кој добива шанса да биде дел од чуден експеримент, со цел да оценува вештачка инетелегенција, преку интеракција со женскиот робот Ава. Модерната Франкејштајнова битка на полови, играт со умот и со основните инстинкти, сложена е со парче тирамису и би рекла некаде 2-3 чашки Станушина.

Е сега. Бидејќи станува збор за автохон вид, препорака е да се погледа и „Збогум на 20-тиот век!“ затоа што режисерите Дарко Митревски и Александар Поповски создаваат еден нов и специфичен жарн, ethno-groovy каде преку ликовите се проткајуваат разни библиски, митолошки сцени и куп фрази од светската кинематографија.  И секако химната од моето детство, Архангел „Uber Makedonische“, предобар саундтрак!

Зимно време повеќе лежат црвени вино но во име на блогот, белите секако мора да се испочитуваат.

ТЕМЈАНИКА

Темјаника, моето омилено бело вино. Има нагласен мускат и раскошен мирис што никого не остава рамнодушен. Самото име, темјан, значи силен. Се одликува со светло жолта боја, со интезивни мириси на бозел, мед а на вкус доминира вкусови на праска, кајсија, сува слива, портокал кои се доминантни на почетокот, додека вкусот на босилек и темјан следат подоцна во свежината и долгиот послевкус. Одлично се комбинира со лесна храна, бело месо, морска храна и десерти.

Jас го искомбинирав со документарец“David Attenborough: Planet Earth II”, самиот вкус и мириси само се надополнува на прекрасните острови кои нудат светилиште на некои од најретките суштества на планетата, на убавината на градовите, во кои живеат луѓе и животните.

И, доколку не сте го гледале нашиот најнаградуван филм, „Медена земја“ e must have!!!

ЖИЛАВКА

Првенствено потекнува од Мостар, Босна и Херцеговина, за да во Југославија почнува да се сади насекаде, и кај нас. Позната е по светлата, зелено-жолта боја, со елегантна овошност. Има нишка со ноти на дуња, зрели праски и лимон кои се задржуваат во устата. Се комбинира со тестенини, сирења, бело месо и десерти што ја прави одлична за конзумирање со авантура или фантазија.  “Jumanji: The Next Level” – ако сте љубители на верзијата со Робин Вилијамс (и јас самата не знам колку пати сум го гледала), како интересна и заносна авантура, која и ќе ве насмее, лесно-питко ќе се опуштите и со оваа авантура во супер изведбите на Двејн Џонсон, Кевин Харт, Џек Блек и Карен Гилан и old school актерите Дени Девито и Дени Гловер. Секако не ве спречува да се поврзете и со претходникот “Jumanji: Welcome to the jungle”, не за друго, за да си бидете во тек, што претходно се случувало.

ЖУПЈАНКА

Жупјанка – Се одликува со свежина, со ароми на цитрусни овошја и банана. Вкусот долго трае и потсетува на зелено јаболко и лимета. Се комбинира со зеленчук и морска храна. Призвук на романтика.

Жупјанката ја искомбинирав со “Carol”, со оддавање на почит спрема феноменалата извeдба на Кејт Бланшет и Руни Мара, кои ја прикажуваат ретката приказна од 1952 година, за врската меѓу продавачка Тереза и самоуверената Керол, кои успешно ја доловуваат интимноста и забранетата љубов, додека се соочуваат со предрасуди во живеењето на автентичните животи. Happy ending story – одлично се вклопи со Жупјанката.

„Skopje Remixed” и Жупјанка. Филмски омнубус од 9 мали делчиња, со љубовни и крими приказни, водени од музиката со ардеграунд сцената, го дава шмекот и душата на градот. Тоа е визуелен ремикс на градот- како се доживува и какво сакаат режисерите, уметниците Скопје да биде. Скопје е убав град!

СМЕДЕРЕВКА

Знам што ќе кажете – шприцер или бунар, но далеку сме од тоа. Ова е оддавање почит на Смедеревката која е многу повеќе од вино за правење пијалак, коктел. На прва рака, кога на една од дегустациите беше понудена, бев со моментот ајдееее шприцер, но овошната арома, со хармоничен вкус и нежен мириси, ми го сменија мислењето. Трпезно вино е и се комбинира со лесно мезе, бело месо, сирења, риба и сезонски салати.  Одам со Комедија или dramedy (комбо на комедија и драма).

„Исцелител“ на Ѓорче Ставревски, мудар филм со сатира, за магичниот колач на Веле кој е лек за рак. Еден феноменално прикажување на човечките судбини кај нас, преку хумор а и хуморот е лек. Say no more – мора да го гледате!!!

“Julie & Julia” – мојата опседнатост со Мерил Стрип, како и со феноменалната Ејми Адамс е заснована во овој филм, воден од вистински настани. Намерно ја потенцирам Смедеревката за овој филм, поради истакнувањето на значајноста и различноста на сортата исто како различните а слични животи на Julie & Julia. А “Mastering the Art of French Cooking” ќе ве понесе. На такво готвење, паузите се благословени, за дополнување на мезе даската и… диета од понеделник!

И секако морам да го споделам и “Death becomes her”, црната комедија во изедба на Мерил Стрип, Голди Хон и Брус Вилис, надевајќи се дека ако ја исконзумирам Смедеревката, како и тие што ја пијат волшебна напивка, ќе ми вети вечна младост.

Без оглед дали се продуцира филм или вино, потребна е голема креативност, визија, техничко знаење. Врската која се создава меѓу двете форми на уметност, од една голтка до една сцена, може да ни ги раздвижи сите сетила, да ни даде ново искутво и емоција. А тоа е доста моќно!

Така да, следен пат кога ќе посакате да гледате филм, дозволете си чашка вино, со мезе, опуштете се, и кажете едно „на здравје„!

Ви благодарам,

Нена

Share This Story, Choose Your Platform!